Дигитален отпечаток

 


Што е дигитален отпечаток?

Дигитален отпечаток (fingerprinting или footprinting) е постапка во која трета страна, без оглед дали зборуваме за хакери или разни компании од интерес, прибираат различни делови од информации за вашите уреди, вашето движење на интернет и ги спојуваат во единствена слика или „дигитален отпечаток“ на корисникот/чката. Дури и наизглед тривијални информации можат да се користат за создавање на единствената слика, на вашиот дигитален отпечаток.

Постојат две основни форми кои придонесуваат во градењето на дигитален отпечаток, а тоа се дејствија кои се случуваат преку пребарувачите (browsers) и дејствија кои се случуваат на уредите кога податоците се доставуваат преку апликации кои корисникот/чката ги инсталирал/а на својот уред.

Во повеќето случаи дигиталните отпечатоци ги следи третата страна, а не директно веб локацијата која некој ја посетува или апликацијата која некој ја користи. Како поединецот/ката го користи својот уред, определени програми за следење можат да се вчитаат во повеќе инсталирани апликации или на посетените веб локации. Тоа им овозможува на компаниите да го следат поединецот/ката во текот на употребата на повеќе веб локации кои ги посетуваат или апликациите кои ги инсталирале. На тој начин  на нив им е овозможен целосен увид во секојдневните активности на корисниците/чките, давајќи им информации кои често се мошне конкретни така што знаат  што корисникот/чката работи во кој било момент, па дури и каде го користи својот уред. Ако се во прашање определени хакери кои ја користат оваа метода, ова може да биде мошне опасно за новинарите/ките.

Отпечатоците од прстите ги следат различни компании кои имаат за цел да приберат податоци за корисникот/чката за целите на презентирањето на маркетиншките огласи. Најчестиот начин да се цели врз огласите на веб е преку колачињата од пребарувачот.

Замислете ги своите навики за прегледување на интернет како конец кој поврзува различни игли на плочата. Секоја игла претставува веб локација што сте ја посетиле, а конецот е патот низ кој сте поминале, и ако некој може да открие една локација што сте ја посетиле, лесно може да ги следи следните чекори бидејќи се поврзани. Таа низа можете да ја прекинете така што често ќе ги чистите колачињата. Колку што почесто ги чистите дигиталните отпечатоци стануваат сé помали, а следењето сé потешко. Важно е да се нагласи дека не се само компаниите тие кои ги користат овие техники за доаѓање до информации. Неретко тоа се и различни хакери, кои имаат за цел компромитирање на корисниците/чките.

Како функционира следењето и што да се направи за да го минимизирате

Кога ќе ја вчитате веб страницата, автоматски ќе емитирате определени информации за својот пребарувач на веб локацијата која ја посетувате, како и врз сите програми за следење вградени во веб локацијата. Веб локацијата која ја посетувате може да ја одбере анализата на вашиот пребарувач со помош на JavaScript, Flash и други методи кои се користат. Може да побара видови на фонтови кои сте ги инсталирале, јазикот кој сте го поставиле, додатоците кои сте ги инсталирале и други карактеристики. На тој начин се креира вашиот единствен дигитален профил.

Меѓутоа, бришењето на колачињата често нема многу да помогне, па би било добро да ги користите некои од алатките за подобра заштита од ваков вид следење, како што е користење на блокаторот на следењата (Tracker Blocker) како што е DuckDuckDo или некој друг, и оневозможување на Javascript. Повеќето програми за следење работат на JavaScript и без него компаниите не можат да приберат голем дел податоци кои се користат за определување на дигиталниот отпечаток во пребарувачот. Оневозможувањето на JavaScript ја разбива запрепастувачката количина на веб локации и ја ограничува функционалноста на многуте други. Исто така, во сите пребарувачи во опции можете да исклучите или вклучите определени следења. Со оневозможувањето во поставките можете да ги намалите секојдневните следења.

Ефикасноста на следењата преку дигиталниот отпечаток

Според Panopticlick за да бидат дигиталните отпечатоци ефикасни за трагачите, тие мораат да задоволат два критериуми во кои повеќето корисници/чки на пребарувачи се вклопуваат, а тоа е упорноста и единственоста на отпечатокот.

Ако дигиталниот отпечаток на корисникот се промени брзо, трагачот нема да може да ја раздели едната посета на корисникот од наредната посета. Оваа способност за поврзување на посетите е важна за утврдување дека тоа е истиот корисник кој со тек на време ги посетува веб страниците или  ги користи апликациите. Дигиталниот отпечаток е составен од низа ваши секојдневни дејствија во онлајн сферата, не е нешто видливо и не може да се отстрани, бидејќи ништо не се складира на компјутерот на корисникот/чката.

Ако два или повеќе корисници/чки имаат ист дигитален отпечаток, трагачот ја губи можноста за препознавање на поединецот со помош на дигиталниот отпечаток. Без оваа можност, трагачот не може поединечно да го следи корисникот и да го распредели во определени маркетиншки категории.

На Panoptclick страницата можете да го тестирате вашиот пребарувач и да видите колку добро сте заштитени од следењето и дигиталните отпечатоци, и да добиете повеќе информации како дополнително да се заштитите.

Дали дигиталниот отпечаток е важен за новинарите/ките?

Да се биде внимателен со податоците не се однесува само врз заштитата на чувствителни информации и извори. Исто така се работи за почитување на сопственото право на приватност и одбивање на хакерските злонамерни упади.

За новинарите/ките, прашањето за оставање на трага на интернет е исклучително важно, бидејќи секоја трага може потенцијално да загрози некоја истражувачка приказна, извори на информации, самите новинари/ки, и да го дискредитира целиот медиум. Поради тоа свесноста за постоењето на дигиталниот отпечаток за новинарите/ките е исклучително важна, бидејќи може да придонесе за повнимателно оставање на траги.

Како и повеќето луѓе, така и новинарите/ките, не се свесни за огромната количина на следења во онлајн сферата. А новинарите/ките поради чувствителноста на работата со која се занимаваат често стануваат мети на различни следења. Затоа е од исклучително значење да се знаат потенцијалните ризици и начини како тие да се минимизираат.

Покрај горенаведените предлози за минимизирање на следењето на дигиталниот отпечаток, како што се блокатори на следењата, оневозможување на Javascript и мануелно подесување на определени следења во вашиот пребарувач, постојат и многу други начини да ја заштитите приватноста.

Важно е да се нагласи дека пребарувачот Google Chrome не дава заштита од трагачите или од дигиталниот отпечаток во Incognito начинот на работа.

Ако користите Firefox, користењето на приватно прегледување ќе ви даде дополнителна заштита од трагачите. Сите трагачи кои се вклучени на листата за заштита од следење ќе бидат блокирани. Ова ве штити од познатите трагачи. Меѓутоа, овој начин нема да ве заштити од непознати трагачи кои  секојдневно се во пораст. За да го постигнете ова дополнително ниво на заштита, можете да го користите пребарувачот TOR, за кој пишувавме порано.

Comments

Post a Comment